На првиот училиштен ден, учениците ќе ги добијат учебниците, на овој начин ја прекинуваме лошата практика на одредени министри од минатото кои ниту водеа грижа за навремена достава на учебници, ниту да има учебници, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Таа повтори дека учебници ќе нема само за странските јазици и дека законски, како што рече, не може ниту да го прекине тендерот што е почнат за нив, ниту да распише нов додека не заврши правната процедура.
-Гимназиското ќе има учебници, и за странски јазици. За средно стручно првпат печатиме над 164 наслови кои учениците никогаш ги немале. И продолжуваме со одобрување на други учебници, како ќе заврши процедурата на одобрување, така ќе продолжиме со печатење и ќе ги доставуваме во текот на годината – рече Јаневска по посетата на ОУ „Љубен Лапе“ во општина Аеродром.
Во однос на анализата на просторни услови во училиштата и префрлување на мал број ученици од подрачни во централни училишта, соопшти дека оптимизацијата е веќе направена во десет општини и децата се префрлени во централни училишта, како што рече, без да има последици за кадарот, а во тек е анализа за оптимизација во дополнителни 20 општини.