Јаневска: Францускиот јазик ќе се изучува како изборен предмет во петто одделение во училиштата каде што има интерес

Дваесет и пет основни училишта ќе имаат можност да воведат француски како изборен предмет во петто одделение следната учебна година, доколку учениците се заинтересирани да го изучуваат. Ова е предвидено во анексот на меморандумот за соработка меѓу Министерството за образование и наука и Француската амбасада, кој денес го потпишаа министерката Весна Јаневска и амбасадорот Кристоф Ле Риголар.

За министерката Јаневска, продлабочувањето на соработката за понатамошно унапредување на изучувањето на францускиот јазик и подобрување на наставата по францускиот јазик во домашниот образовен систем е потврда за пријателството меѓу двете земји, кое продолжува да се развива.

„Ние го поддржуваме учењето на францускиот јазик, со оглед на тоа што тој е меѓу најшироко користените јазици во глобалниот свет, како и фактот дека сме влада која ја поттикнува јазичната разновидност. Придобивките од познавањето јазици освен мајчиниот се повеќекратни. Ова овозможува градење мостови меѓу луѓето и културите, а јазичните вештини денес се суштински фактор за успешен настап на пазарот на трудот, како и дигиталните вештини“, рече Јаневска.

Министерката додаде дека младите луѓе од Македонија кои зборуваат француски јазик ќе имаат можност, преку комуникација, дополнително да го афирмираат македонскиот идентитет, јазик, историја и културно наследство.