Јанушев: Обвинителката Стефанова на Мијалков му заплени имот од 30 милиони евра, а наплати само 350 илјади евра
Игор Јанушев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешното гостување во поткастот На кавга со Иван ги повика надлежните институции да се позанимаваат со имотот на обвинителката Лиле Стефанова. Јанушев посочи дека има индиции за неправилности во врска со нејзината работа.
„Обвинителството барам, еве по допрен глас, нека го провери нејзиниот имот. Има различни муабети, но еве јас тоа го барам и јавно. Еве нека го испитаат предметот во врска со тоа колкава наплата е направена од запленетиот имот на господинот Мијалков и дали тука има штета на буџет. Запленет е имот од 30 милиони евра, од тие наплатени се само околу 350 илјади евра и тоа се единствените запленети и истите кои тој повторно си ги купи истата обвинителка“, кажа Јанушев.
Јанушев се осврна и на неговите судски случувања поврзан со обвинувања од СЈО кои потоа ги презема обвинителката Лиле Стефанова која тогаш беше во Обвинителството за гонење на организиран криминал, а потоа или кон крајот на минатата година премина во Републичкото јавно обвинителство.
„Јас сум единствен кој е оштетен затоа што ми е ускратено правото да докажувам невиност. Доколку пресудата беше правосилна ќе можеше да барам правда во сите инстанци, а вака јас сега сум оштетен. Јас правдата сепак ќе ја барам пред Стразбур, апликацијата мислам дека веќе е прифатена. Во обвинението кон мене, иако обвинуваа за 5 милиони евра штета, не се спомнува сума, ниту финансиска штета за државата“, рече Јанушев.