Јанчев: Останувам градоначалник, нема да бидам министер

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, во изјава за ТВ Телма потврди дека со мандатарот Христијан Мицкоски разговарал за негово можно учество во новиот владин состав, но дека на крај сепак одлучиле да остане на чело на општината уште една година, во интерес и на партиската и на владината програма.

„Останувам да ја водам Општина Кавадарци како градоначалник. Ова значи дека преку локалното делување, а во соработка со идната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжам да ги поддржувам сите активности, проекти и програми, кои ќе придонесат кон подобар стандард и квалитет на живот“, изјавил Јанчев.

Јанчев, според информациите во јавноста, бил „во игра“ за министер за локална самоуправа.

Предлогот за нова влада треба да биде доставен во Собранието во вторник, а изборот е најавен за следниот викенд.