Јанчев : Училишните одбори да донесат одлука за разрешување на двајцата директори на основни училишта по инцидентот со нарушување на јавен ред и мир
– Училишните одбори да донесат одлука за разрешување на двајцата директори на основни училишта по инцидентот со нарушување на јавен ред и мир, се вели во соопштението од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
Во соопштението се појаснува дека градоначалникот заедно со службите на општината Кавадарци, денеска ја разгледале состојбата со инцидентот.
– Доставени се дописи до училишните одбори на ООУ „Димката Ангелов Габерот“ Кавадарци и ООУ „Тошо Велков Пепето“. Се бара разгледување на информациите од ОВР Кавадарци и СВР Велес за инцидентот во кои се вклучени двајцата директори и училишните одбори да донесат одлука за разрешување на Ѓорѓи Ѓорчев од директорската функција во ООУ „Димката Ангелов Габерот“ и Сашко Пановски од директор на ООУ „Тошо Велков Пепето“, се додава во соопштението.
Како што завчера информираа од СВР Велес, на 10 јуни околу 01.15 часот, полициски службеници од Полициската станица Кавадарци ги привеле С.П.(54) и Ѓ.Ѓ.(39), двајцата од Кавадарци затоа што пред угостителски објект во Кавадарци го нарушиле јавниор ред и мир и агресивно се однесувале кон лица од обезбедувањето.
– По целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок, нагласи тогаш Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес.