Русија и Кина одржуваат патроли во Тихиот Океан.
Јапонските власти денеска соопштија дека подигнале борбени авиони откако два руски разузнавачки авиони ИЛ-38 биле забележани како летаат над Јапонското и Источното Кинеско Море, каде Русија спроведува заеднички поморски патроли и вежби со Кина .
Руското Министерство за одбрана соопшти претходно денеска дека руски и кинески поморски бродови заеднички патролираат во Тихиот Океан и изведуваат поморски вежби во Источното Кинеско Море, пренесува Ројтерс.
Во Источното Кинеско Море беше изведена вежба за надополнување на залихите на вода и гориво од помошните пловила. Одред на бродови на морнарицата на Русија и на морнарицата на Народноослободителната армија на Кина во моментов оперира во водите на Источното Кинеско Море и поминал повеќе од 6.400 милји од почетокот на патролата – се вели во соопштението на Министерство.
Русија и Кина, исто така, спроведоа вежби против подморници, одбија симулиран воздушен напад на непријателот, спроведоа обука за спасување на море и вежбаа полетување и слетување со хеликоптери на палубите на воените бродови.
Руските авиони беа забележани денеска откако јапонските власти забележаа бродови на руската и кинеската морнарица како минуваат низ водите меѓу јужните јапонски острови Окинава и Мијако.