“Јас сум најискусниот”: Зеленски тврди дека се уште не е време да се повлече од претседателската функција

Зеленски: Сè уште не е време да се повлечам, но сум подготвен да заминам по избори

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека и понатаму не гледа можност да ја напушти претседателската функција пред крајот на војната во земјата.

„Јас сум најискусниот. Можеби не и најдобар – секогаш има подобри луѓе – но дефинитивно најискусен“, изјави Зеленски во интервју за британската телевизија „Скај њуз“.

Истовремено, тој нагласи дека е подготвен да се повлече врз основа на резултатите од претседателските избори, но не наведе конкретен рок кога тие би можеле да се одржат.

Претседателскиот мандат на Зеленски формално истече на 20 мај 2024 година, но поради продолжената вонредна состојба во Украина, предизвикана од воената агресија на Русија, изборите досега не се одржани. Киев останува на ставот дека спроведување избори во воени услови е правно и логистички невозможно.

Зеленски во интервјуто најави дека ќе присуствува на претстојниот самит на НАТО во Хаг и изрази надеж дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

„Да, одам“, одговори кратко Зеленски, запрашан дали очекува средба со Трамп. Тој додаде дека тимовите работат на организација на можниот состанок, но не прецизираше дали станува збор за неформален разговор или за подлабоки преговори.

„Не знам што ќе се случи. Ајде да одиме“, изјави украинскиот претседател.