Минатата недела, ноќта меѓу 19 и 20 март, се случи експлозија во Карловац, по што пожар во стан во кој загина 78-годишна жена, а подоцна и сообраќајна несреќа во која загина 71-годишен возач.
Полицијата од Карловац сега излезе со соопштение во кое открива дека двата настани се поврзани.
Експлозија и пожар избувнаа во стан во градскиот кварт Банија околу 23 часот и 50 минути. Откако пожарот бил изгаснат, во станот било пронајдено изгорено тело на жена. Истрагата утврдила дека пожарот настанал по човечка грешка, со употреба на сè уште неидентификувана запалива течност.
„Експлозијата била предизвикана од палење на гасна смеса создадена со испарување на запалива течност, што резултирало со скршено стакло од прозорецот во ходникот на станот“, соопшти полицијата.
Обдукцијата потврдила дека жената е 78-годишен жител, чија смрт настапила насилно, пренесува Index.hr.
Речиси истовремено со експлозијата, полицијата добила дојава за сообраќајна несреќа на наплатната рампа на автопатот А1 во Карловац. Во несреќата загинал 71-годишен возач кој од засега непозната причина свртел десно и удрил со предниот дел од возилото во бетонски ѕид.
Полициската истрага утврдила дека 71-годишниот возач намерно удрил со возилото во бетонски ѕид, при што поради повеќе повреди починал на местото на настанот.
Полицијата го потврди и сомнежот дека двата настани и лица се поврзани.
„Кривичната истрага покажа основано сомнение дека 71-годишникот и претходно извршил кривично дело тешко убиство над 78-годишна жена пронајдена во станот. При претресот на станот не се откриени траги од експлозивна направа, ниту пак било пронајдено оружје, експлозивни направи или муниција.
Исто така, кривичната истрага продолжува за утврдување на сите околности на овој трагичен настан.