Новак и Јелена Ѓоковиќ се познати поборници за здрава исхрана, а своите нутритивни навики им ги пренесуваат на децата, нагласувајќи дека резултатите се очигледни во нивното добро здравје.
Деветгодишниот Стефан и шестгодишната Тара, според Јелена Ѓоковиќ, ретко се соочуваат со настинки . Клучот за овој успех, тврди таа, лежи во здравиот појадок кој внимателно го подготвува. За првиот оброк во денот користи кокосово млеко, во кое додава различни семиња – чиа, семе од коноп, семе од афион и лен. Овие состојки ги потопува во млеко претходната вечер, а наутро ги збогатува со ванила, свежо овошје и свежо цеден сок.
Јелена исто така истакна дека нејзините малечки се префрлиле на растителна исхрана. Стефан во првата година и половина имал нормална исхрана со месо и риба, а потоа се префрлил на растителна исхрана постигнувајќи одлично здравје. Тара, пак, отсекогаш практикувала исклучиво растителна исхрана и, како што истакнува Јелена, никогаш немале проблеми со нејзиното здравје. Таа додаде дека сите хранливи материи што може да ги пропуштат децата поради отсуството на месо и риба се компензираат со суплементи.