Јеменските Хути, сојузнички на Иран, во неделата соопштија дека го погодиле Израел со ракети во координација со Иран, што е првпат групата, поврзана со Иран, јавно да објави заедничка соработка во нападите со Техеран.
Во последните 24 часа, Хутите го нападнаа Џафа во централен Израел со неколку балистички ракети, изјави воениот портпарол Јехја Саре во телевизиско обраќање, пренесува Ројтерс .
„Триумф за угнетениот палестински и ирански народ… Оваа операција е координирана со операциите што ги спроведува иранската армија против омразениот непријател Израел“, додаде тој.
Израелската војска претходно соопшти дека сирените се активирани во неколку области на земјата по лансирањето ракети од Иран и Јемен.
Израел и Иран продолжија да разменуваат ракетни напади откако Израел го започна својот најголем воен напад против својот долгогодишен непријател во петокот.
Истиот ден кога Израел започна напад врз Иран, Израел објави дека ракета лансирана од Јемен кон нивна територија паднала во Хеброн на окупираниот Западен Брег. Сепак, јеменската група не ја презеде одговорноста за лансирањето на ракетата.
Ова не е првпат Јемен да лансира ракети кон Израел, бидејќи Хутите претходно извршија напади врз Израел, од кои повеќето беа пресретнати, во поддршка на Палестинците во Газа за време на војната меѓу Израел и Хамас.