Јованка Тренчевска: “Важно е децата да бидат сместени во соодветни згрижувачки семејства“

Дополнителната заменичка-министерка за труд и социјална политика во техничката Влада, Јованка Тренчевска, денеска спроведе активност со деца од згрижувачки семејства на тема „Моите емоции, во моето семејство“ со поддршка на вработените во Јавната установа Детски дом „11 Октомври“ – Скопје, информираат од МТСП.

Преку уметноста, децата најдобро ги искажуваат своите емоции, затоа денеска преку цртежи и боички, комуницираме за емоциите. За мене е од особена важност кај децата да преовладуваат позитивните емоции, кога се зборува за семејствата во кои децата се згрижени. Затоа што згрижувачкото семејство треба да биде пријатна околина за правилен раст и развој на децата“, пишува во писмената изјава на Јованка Тренчевска.

Како што се додава во соопштението, таа ја објаснила важноста од подготвувањето на згрижувачките семејства за децата навистина да ја добиваат соодветната грижа и нивното секојдневие да поминува во топла семејна атмосфера.

За нас како Министерство за труд и социјална политика, од особена важност е децата да бидат сместени во соодветни згрижувачки семејства, затоа лицата кои се заинтересирани, поминуваат преку долг процес на консултации во центрите за згрижувачки семејства“, појаснува Јованка Тренчевска.

Процесот низ кој треба да поминат згрижувачките семејства започнува со контакт со Центарот за социјална работа (ЦСР) во местото на живеење и се пополнува соодветниот образец. Потоа потребно е семејството да помине низ информативна сесија, каде Центарот за поддршка на згрижувачки семејства заедно со ЦСР извршуваат првична посета во домот на згрижувачот. При посетата, во домот се разговара со семејството и се утврдува состојбата и потребите и воедно се оценува семејството, согласно критериумите. Доколку истите се позитивни, семејството поминува низ задолжителна обука во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства. Процесот завршува со крајна проценка за подобноста на семејството.

Моментално на територија на државава има 362 згрижувачки семејства во кои се згрижени 601 дете. Министерството за труд и социјална политика досега има спроведено две кампањи со УНИЦЕФ и СОС детско село, со цел зголемување на свеста за важноста на згрижувачките семејства и зголемување на нивниот број.