Јованка Тренчевска: “До крајот на годината ќе најдеме решение за намалување на платите на функционерите“
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денес најави дека до крајот на годината ќе се пронајде решение за намалување на платите на функционерите, кои од март со одлука на Уставен суд беа зголемени за 78 отсто.
Таа одговарајќи на новинарско прашање на настанот по повод одбележување на официјалниот почеток на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, истакна дека се разгледуваат две опции или нов закон за плати во јавниот сектор или измени на шест, седум закони, каде се регулираат платите на функционерите, но нагласи и дека досега ова можело да го направи и Собранието, а не целата работа да ја остава на Владата.
„Во Владата разговаравме. Одлуката за покачување на платите на функционерите не ја донесе Владата, туку Уставниот суд. Разговараме и бараме начин како да се реши прашањето во однос на покачувањето на платите на функционерите. Една опција е законот на плати во јавниот сектор, друга е измена и дополнување на повеќе закони, шест или седум закони, каде се регулираат платите на сите оние функционери, кои се вклучени со одлуката на Уставниот суд“, вели Јованка Тренчевска и додаде дека на крајот решението треба да помине во Собранието, кое го има последниот збор.
Таа зебележа дека и пратениците во периодот, кој поминал од донесувањето на одлуката на Уставниот суд, можеле да донесат законски решенија, по иницијатива на пратениците и на пратеничките групи и оти не морало се да се остави да сработи Владата.
„Ако Собранието имаше поинакво решение можеше во изминатиот период да го донесе тоа решение. Како и да е бараме решение до крајот на годината, ќе се избере една од опциите, дали со нов закон за плати во јавниот серктор, за кој не верувам дека ќе можеме да стигнеме, особено во делот на коефициентите, кои мора да се направат заедно со социјалните партнери, со претставниците на синдикатите и на тој начин да се регулираат највисоките коефициенти во секоја од областите, здравство, образование, социјална заштита, детска заштита, администрација, јавни претпријатија. Но не сум убедена дека оваа опција ќе успеее да ја направиме до месец декември“, вели Јованка Тренчевска.