Јованка Тренчевска: “Ранливите категории на граѓани остануваат во фокусот на работата на Министерството, се грижиме за сите“

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денес го најави министерскиот состанок, четврти по ред по усвојувањето на „Декларацијата на партнерите од Западен Балкан за интеграција на Ромите во рамките на процесот на проширување на ЕУ“ – Познанска декларација, во организација на Министерството за труд и социјална политика.

Како што соопшти МТСП, на овој настан учествуваат министрите од земјите во регионот, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Целта е да се оцени напредокот постигнат во изминатите 12 месеци, во однос на инклузијата на Ромите во општеството, да се идентификуваат преостанатите предизвици и да се разговара за конкретни чекори на кои што треба да се даде приоритет во наредната година.

Концептот едно општество за сите е концепт кој што е приоритет на оваа Влада, и во делот на инклузијата на Ромите во општеството навистина сме држава која што во рамките на Западен Балкан дури и пошироко имаме одлични резултати со години наназад. Вклученоста на Ромите во процесот на образование, вработувањето, а со тоа и економското зајакнување за што сме лидери во регионот, работиме и на домувањето како важно прашање за ромите една од најранливите категории на граѓани“, истакна Јованка Тренчевска во утринската програма на МРТВ 1.

Министерката се осврна и на темата со пензионерите и потенцира дека пензионерите и квалитетот на нивниот живот е нивен приоритет.

Сите политики и мерки изминатиот период се во насока на обезбедување на достоинствен живот за нашата највозрасна популација. За тоа потврдува растот за 24 отсто на пензиите за нецели две години, вклучување во антикризни мерки, воспоставување на социјални услуги-помош и нега во домот на стари лица“, посочи министерката за труд и социјална политика. 

Јованка Тренчевска информираше дека работната група продолжува да работи на конкретни краткорочни решенија, како антикризни- социјални мерки и измени на законот за пензиско осигурување за одредување на повисока минимална пензија.

На тема попреченост, министерката посочи дека ниту едно дете нема изгубено никакво право, доколку се процени дека навистина треба тоа право да го добие и дополнителна социјална услуга.

Целта е секое дете со попреченост покрај материјалните права, да добие и бесплатна социјална услуга, од логопед, дефектолог, дневен центар, личен и образовен асистент. Во фокусот на функционалната проценка на децата со попреченост се потребите на децата. Не се поставува дијагноза туку се гледа како децата да станат пофункционални и да се интегрираат во општеството“, изјави Јованка Тренчевска