Јовановски: Со премостувањето на уставното име претседателката брцна во очи на сите битни меѓународни фактори
„Имавме бурен викенд поради начинот на кој претседателката реши да го премости уставното име во заклетвата. Очигледно брцна во очи на сите битни меѓународни фактори кои се мобилизираа во ден недела за да издаваат соопштенија, да твитаат и тн. Грците чекаат избори во јуни. Екстремната десница едвај чека ваква тема и мислам дека ќе ја имаат оваа тема во кампањата посебно ако не се смири оваа ситуација“, рече новинарот Борјан Јовановски на поткастот „Политиканти“ на Слободен печат.
Тој додаде дека претседателката Гордана Силјановска Давкова била експлицитна во кампањата во однос на тоа како ќе го третира уставното име и дека за неа гласале 550.000 гласачи.
„Последиците кои ќе бидат за Македонија поврзани со толкувањето дека не се почитува Преспанскиот договор, останува да ги видиме. Јас можам да претпоставам, но мислам дека сега е касно да се зборува за тоа. Повеќе пати имаме зборувано што значи за една мала земја да има добри односи со соседите, да е во Европската Унија, да биде во НАТО. Но, тоа очигледно никому не важи. Гледам дека има едно задоволство во јавноста дека Гордана Силјановска ја прави Македонија повторно горда со тоа што го игнорира уставното име Северна Македонија“, заклучи Јовановски.