Јовески: Работиме на обезбедување докази за случајот со шестгодишното девојче, се уште го немаме добиено извештајот од обдукцијата
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска изјави дека Обвинителството работи на обезбедување на докази за смртта на шестгодишното девојче кое почина во битолската Болница.
Одговарајќи на новинарски прашања, Јовески посочи дека сеуште ги немаат добиено резултатите од обдукцијата, но дека се сослушани повеќе лица за кои Обвинителството смета дека имаат сознанија да помогнат во расветлување на овој случај.
– Јавниот обвинител од надлежното Обвинителство во Битола ги презема неопходните мерки и обезбедува докази во врска со смртта на девојчето. Се уште протоколот од извршената обдукција Обвинителството не го добило. Во исто време Обвинителството работи на обезбедување и на други докази, рече Јовески по потпишувањето на меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи.
Шестгодишното девојче почина минатата недела во битолската Болница, а вчера во Битола и Скопје се одржаа протести со кои се побара целосно расветлување на овој случај.