Со своите постапки, Република Северна Македонија практично го блокираше нејзиниот процес за влез во Европската Унија. Вака синоќа за „Бг он етер“ изјави бугарската потпретседателка Илијана Јотова.
Таа категорично изјави дека Бугарија ќе застане зад секој граѓанин со бугарска свест.
„Нападите врз бугарските клубови во Охрид и Манастир, бруталното претепување на Христијан Пендиков и со своето недејствување во однос на антибугарските настани, Република Северна Македонија самата го блокира процесот за членство во ЕУ“, рече Јотова.
„Бугарија ќе го разгледа секој чин и акција поврзана со говорот на омраза. За жал, денес можеме да кажеме дека и покрај толеранцијата со која го прифативме францускиот предлог, нема напредок ниту во работата на Комисијата за историја. Посебно по последната промена на процедурите за членство во ЕУ, Бугарија во секој момент може да го прекине овој процес и ако продолжиме вака, не сум оптимист“, додаде Јотова.
Јотова смета дека Северна Македонија треба да заземе силен став против говорот на омраза.
„Не гледаме ниту навестување ниту опомена за оние, особено медиумите, во Македонија кои одамна ги преминаа границите на слободата на говорот и водат крајно остра бугарофобна кампања. Вакви пораки не слушаме од властите во земјата. Тогаш како да се чувствуваме и да веруваме дека го осудуваат тоа што се случува во Македонија во однос на тамошните Бугари“, праша таа.