Јужна Кореја, Кина и Јапонија одржаа заеднички состанок за економски прашања во понеделникот, нивен прв во последните пет години, во обид да ја зајакнат регионалната трговија бидејќи се соочуваат со царини од американскиот претседател Доналд Трамп.
Министрите за трговија на трите земји се согласија тесно да соработуваат за да постигнат договор за слободна трговија меѓу Јужна Кореја, Кина и Јапонија за промовирање на регионалната и глобалната трговија, се вели во соопштението објавено по средбата, пренесе Ројтерс.
Јужнокорејскиот министер за трговија Ан Дук-Геун рече дека е неопходно да се зајакне спроведувањето на Регионалното сеопфатно економско партнерство (RCEP) во кое учествуваат сите три земји, како и да се создаде рамка за проширување на трговската соработка.
Министрите се состанаа додека Трамп ги објави најновите царини за автомобили и автоделови. Сеул, Пекинг и Токио се значајни трговски партнери на САД, иако се во несогласување меѓусебно за прашања како територијалните спорови и проблемот со испуштањето отпадни води од Јапонија од оштетената нуклеарна централа Фукушима.
Трите азиски земји не постигнаа значителен напредок во однос на трилатералниот договор за слободна трговија од почетокот на преговорите во 2012 година.
Регионалното сеопфатно економско партнерство, кое стапи на сила во 2022 година, е трговски рамковен договор меѓу 15 азиско-пацифички земји чија цел е намалување на трговските бариери, потсетува Ројтерс.
Трамп минатата недела објави увозни царини од 25 отсто на автомобили и автоделови, што може да им наштети на компаниите, особено на азиските производители кои се меѓу најголемите извозници на автомобили во САД.
Министрите на трите земји се договорија следната средба да се одржи во Јапонија.