Јужна Кореја прогласи „демографска вонредна состојба“

 – Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол денес прогласи „демографска национална вонредна состојба“ поради нискиот наталитет и стареењето на населението во источноазиската земја.

Објавувајќи ја демографската национална вонредна состојба, претседателот Јун вети дека ќе вложи сеопфатни напори за да се справи со ултра ниската стапка на наталитет во земјата, објави јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

„Денес официјално прогласувам демографска национална вонредна состојба. Ќе активираме сеопфатен систем за одговор на ниво на целата влада додека не се надмине проблемот со ниската стапка на наталитет“, истакна Јун.

Јужна Кореја се соочува со ниска стапка на наталитет и стареење на населението; земјата минатата година забележа нова ниска вкупна стапка на плодност на популацијата од 0,72.

Според објавата, јужнокорејските парови избегнуваат да основаат семејство и да имаат деца од неколку причини, меѓу кои се издвојуваат високите трошоци за домување, образованието и долгите работни часови.

Претседателот Јун вети дека ќе преземе конкретни чекори како што се зголемување на надоместоците за породилното боледување, продолжување на отсуството за татковците, имплементација на флексибилни работни часови и олеснување на товарот на родителите во однос на образованието.