Љутков: Власта со Предлог законот за култура го брише националниот интерес како категорија и зборот македонска култура
Вчера, на 7 јули, со почеток во 10 часот, во Кинотеката на Македонија се одржа јавна дебата за најновиот Предлог – закон за култура организирана од Министерството за култура кое е и главен предлагач на овој Предлог законот. Напоменуваме дека во седмата година на владеење на двоецот СДС/ДУИ, покрај промената на пет министри за култура, ова е трет обид за донесување на нов Закон за култура, но, се чини дека и овој пат обидот ќе биде неуспешен.
И покрај воведните излагања на министерката за култура и директорот на Кинотеката, за наводно транспарентниот процес на изработката на Предлог законот, како и излагањето на претседателот на Советот за култура, сепак расправата помина во тензична атмосфера и со бројни и гласни негодувања и коментари од присутните.
Голем број од присутните беа директори и раководни лица од институциите на културата назначени токму од оваа власт, а токму тие беа со најбројни забелешки на овој предлог закон, па наместо да се води дискусија за суштински процеси за развој на културата, дебатата се претвори во пазарење и кавга помеѓу претставниците од синдикатите и раководните лица од институциите.
Ова укажува дека и самите предлагачи не се воделе од стратешки позиции за развој на културата, туку од лични и лукративни причини и задоволување на барањата на поединци или лоби групи. Но, закон не може да биде желботека, а овој Предлог закон е токму тоа бидејќи освен додадени Членови за работи во културните институции кои може да се уредат со други механизми на пример со Правилници и слично, суштината на еден Закон за култура целосно изостанува. Избришани се Членови кои се однесуваат токму на промоција на македонската култура, нема трага од национална култура и национален интерес, а најголемата небулоза е тоа што во законот го нема изразот македонска култура.
Генерално, станува збор за Предлог закон во кој нема М од македонска култура, не се следат националните интереси, туку личните интереси на поединци и Предлог закон со кој СДС повторно покажа основно непознавање на областа култура како стратешка дејност за развој на државата и ни потврди дека културата им е на последно место.
После оваа хаотична, несуштинска и непродуктивна јавна расправа за предлог-законот за култура на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска и на раководните лица во Министерството за култура им предлагаме веднаш да го повлечат материјалот. Со ваков Предлог закон нема да остане ништо од македонската култура и културно наследство, а со тоа се загрозува и негувањето на македонскиот културен идентитет.
Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ