„Њујорк тајмс“: Израел знаел за планот на Хамас за напад подолго од една година

– Израел го добил деталниот план што го подготвил Хамас за нападот на 7 октомври повеќе од една година пред инцидентот, но воените и разузнавачките претставници на земјата го игнорирале, сметајќи дека планот е многу тешко спроведлив.

Весникот „Њујорк тајмс“ (NYT) објави дека документот од околу 40 страници, што израелските претставници го нарекле „Ѕидот на Ерихон“ и кој наводно бил подготвен од Хамас, содржел ставка по ставка од сеопфатниот напад извршен од страна на Хамас утрото на 7 октомври.

Во текстот се наведува дека Израел повеќе од една година знаел за деталниот план подготвен од Хамас за нападот, а се тврди дека воените и разузнавачките претставници на земјата не го зеле предвид планот, опишувајќи го како „имагинарен“ и „тешко остварлив“.

Иако документот што го разгледа „Њујорк тајмс“ не дава јасен датум за нападот, наведено е дека е опишан методичниот план за напад осмислен за „разбивање на позициите околу Појасот Газа, освојување на израелските градови и напад на клучните воени бази“.

„Ракетниот бараж“ на Хамас, кој е дел од планот за напад и е предвиден во документот, беспилотните летала кои ќе ги онеспособат безбедносните камери и автоматските митралези покрај границата, како и вооружените луѓе кои масовно влегуваат во Израел со параглајдери, мотоцикли и пеш, сето тоа се случи на 7 октомври.

Во документот, исто така, се тврди дека се гледа дека Хамас добил некои „чувствителни“ информации за израелската војска, за локацијата и големината на израелските воени сили и се поставува прашањето дали имало протекување на информации од израелската безбедносна агенција.

Се наведува дека претставниците на израелските војска на должност на границата со Газа рекле дека намерите на Хамас се „нејасни“.

Се истакнува дека во јули 2023 година, виш аналитичар од единицата 8200, која е одговорна за собирање сигнали на разузнавачки податоци и декодирање во Израел, предупредил дека Хамас спроведува интензивна обука која траела со денови и била слична со она што е наведено во планот.