ЕУ најави постепено укинување на увозот на руски гас и нафта до крајот на 2027 година.
Европската Унија постепено и ефикасно ќе го запре увозот на руски гас и нафта до крајот на 2027 година, со што ќе се стави крај на изложеноста на блокот на пазарни и економски безбедносни ризици поради зависноста од руските фосилни горива и ќе се зголеми енергетската независност и конкурентност на Унијата.
Законодавниот предлог на Европската комисија предвидува забрана за увоз на руски гас според нови договори од 1 јануари следната година, јавува агенцијата Мина, повикувајќи се на SEEbiz.
Увозот врз основа на постојните краткорочни договори ќе престане на 17 јуни следната година, освен за гасот што се испорачува преку цевковод до земјите без излез на море и е поврзан со долгорочни договори дозволени до крајот на 2027 година.
Увозот според долгорочни договори ќе престане на крајот на 2027 година, објави Европската комисија
Долгорочните договори за терминални услуги за течен природен гас (LNG) за клиенти од Русија или контролирани од руски компании исто така ќе бидат забранети, со што ќе се обезбеди дека капацитетот на терминалот може да се пренасочи кон алтернативни добавувачи.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, презентирајќи го планот, изјави дека Русија постојано се обидувала да ја уценува ЕУ претворајќи ја својата енергија во оружје.
„Презедовме јасни чекори за да ги затвориме славините и засекогаш да ја завршиме ерата на руските фосилни горива во Европа“, рече фон дер Лајен.
Во придружната анализа се наведува дека предлогот е дизајниран да ја зачува безбедноста на снабдувањето со енергија во ЕУ, а воедно да го ограничи влијанието врз цените и пазарот.
Комисијата, исто така, изјави дека од земјите-членки на ЕУ ќе се бара да достават планови за диверзификација на снабдувањето со прецизни мерки и рокови за постепено укинување на увозот на руски гас и нафта, додека тесно соработуваат со земјите-членки, особено со оние кои се најпогодени од новата регулатива.
Предложената регулатива треба да биде усвоена од Европскиот парламент и Советот.