“ЌЕ ИМА ПОСЛЕДИЦИ!“ – ‘Пријателите’ на Косово со јасна порака до Албин Курти по состанокот во Приштина: “Тој има рок два дена да ги исполни барањата на САД и ЕУ!“
Заменикот помошник државен секретар на САД и специјален пратеник на претседателот Џо Бајден за Балканот, Габриел Ескобар, кој заедно со специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак вчера и денеска престојуваше во Приштина, му даде на косовскиот премиер Албин Курти рок од два дена да ги исполни барањата на САД и ЕУ за смирување на состојбата во северно Косово, каде што повеќе од десет дена продолжуваат протестите на локалните Срби.
Обраќајќи им се на новинарите на крајот од посетата на Приштина, Габриел Ескобар кажа дека Албин Курти треба да одговори на барањата што ми ги пренесоа тој и Мирослав Лајчак, затоа што в петок, 9. јуни, тие двајца треба да поднесат извештај пред нивните претпоставени за успехот на нивната последна посредничка мисија.
Забележувајќи дека има „одредени предизвици“ во односите со Албин Курти, кај кого, според него, „нема инстинкт за соработка“, американскиот емисар рече дека доколку косовската влада не ги преземе бараните дејствија, ќе има одредени последици, но нагласи дека тоа нема да влијае на долгорочните односи меѓу САД и Косово.
„Сакам јасно да дадам на знаење дека ние ова не го гледаме како нешто што ќе има последици по нашите долгорочни односи, но нашите дејствија, кои ќе ги преземеме или нема да ги преземеме, ќе влијаат на дел од нашите односи. Не би зборувал повеќе за тоа“, нагласи Габриел Ескобар.
Тој ги повтори барањата што заедно со посредникот на ЕУ, Мирослав Лајчак, му ги изнел на Албин Курти на синоќешната средба, додавајќи дека истото ќе го сторат и на средбите во Белград, каде што заминуваат по посетата на Приштина.
„Прво е деескалацијата, второ сакаме да видиме нови избори (во општините во северно Косово) со учество на Србите и трето – треба веднаш да се оствари напредок во спроведувањето на договорот од Охрид (меѓу Албин Курти и српскиот претседател, Александар Вучиќ). Тоа подразбира дека треба да видиме реални напори на Косово во залагањето за Заедницата (на српски општини), а исто така дека треба да видиме чекори и од страна на Србија“, изјави Габриел Ескобар.