На СДСМ и ДУИ ќе им треба време за да научат на кое собраниско столче да седнат, коментираат експертите за Сител, по конститутивната седница која наместо за три дена, заврши експресно за неколку часа. Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека со денешната седница стана познато кој ќе ја состави новата влада. Петар Арсовски, пак, тврди дека големото мнозинство на новата власт носи поголема моќ, но и поголема одговорност.
„Денеска една дилема се затвори. Дилемата кој ќе ја сочинува новата влада и мислам дека тоа беше и причината зошто Европскиот фронт ја напушти собраниската сала“– Алберт Муслиу, аналитичар
„Големото мнозинство во моментов ги има фатено неподготвени опозицијата. Вистинското однесување на опозицијата ќе го видиме дури после неколку месеци. Мислам дека сега им треба малку време да се адаптираат на новата ситуација, од која страна на собранието седат, кое е нивното столче, која е нивната улога на крајот на краиштата. Ако ме прашувате дали ќе имаме мирно или немирно собрание, рано е да се заклучи за тоа сега“ – Петар Арсовски, аналитичар
СДСМ во следниот период ќе треба да вложува во себе и да се опорави до локалните избори кои ќе се одржат догодина, смета Муслиу. Според него, рано е да се каже како ќе делува ДУИ, но вели со новата состојба интегративците нема да се сложат туку така. Во игра е и бојкот на собранието, нешто што според Арсовски може само да им донесе штета.
„ДУИ нема тек така да се согласи со ситуацијата во која се наоѓа во опозиција, поради бројките кои ги доби и поради некое правило кое постои кај албанските политички партии, дека победникот треба да преговара за новата власт. Дали ќе се движат во правец на активен бојкот, пасивен бојкот, блокирани институции, тоа допрва треба да го видиме“ – Алберт Муслиу, аналитичар
„Активен или пасивен бојкот на собранието само ќе му наштети на ДУИ. Вистинското прашање за македонското општество е дали тие се подготвени да излезат на улица, на пример. Дали се подготвени на протести, дали се подготвени на порадикални чекор, имајќи предвид дека тие сметаат дека гласот на Албанците е злоупотребен на овие избори“ – Петар Арсовски, аналитичар
За експертите Гаши не е конфликтна личност и ќе се обиде да направи поинклузивна атмосфера во Собранието. Немаат дилема дека новиот парламентарен состав го чека многу работа.
„Овој парламент ќе има многу предизвици. Ќе имаме многу теми за кои ќе можеме да ги напаѓаме, коментираме или да ги ставаме во знак прашалник нивните одлуки. Ова денеска треба да се прифати како мирна транзиција на власта. Тоа е една од најголемите придобивки на демократиите“ – Алберт Муслиу, аналитичар
„Сега сите карти се во рацете на новата Влада, во ВМРО-ДПМНЕ, Влен и евентуално ЗНАМ. Тоа им обезбедува една комотна позиција. Нивната најава за двотретинско мнозинство е обврзана со тоа што сакаат да го спроведат: промена на органите на државната управа, на владата, промена на борјот на пратениците во собранието, распуштање на судскиот совет итн. Тоа се проекти кои бараат двотретинско мнозинство“ – Петар Арсовски, аналитичар
Ова е 11-иот по ред парламентарен состав. Една третина од него се жени и само двајца млади до 29 години.