Нова поликлиника во општина Бутел ќе почне да се гради во првата половина од 2025 година. Таа ќе зафаќа бруто површина од околу 3.000 метри квадратни, ќе биде изградена на два ката и ќе има подземен паркинг. Кога станува збор за надворешниот дел, ќе се обезбеди дополнителен паркинг простор, како и партерно и хортикултурно уредување. Маркицата за новата поликлиника се предвидува на местото на старата амбуланта.
За ова попладнево информираше градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Како што се наведува, носител на проектот ќе биде локалната самоуправа, а ќе учествува и Министерството за здравство.
Костовски денеска имал состанок со министерот за здравство Арбен Таравари, каде се зборувало за следните чекори.
– Заедно со Министерството за здравство формиравме работна група што максимално ќе се посвети, за што поскоро да ја заврши проектната документација за новата поликлиника. Процесот започнува со внимателно планирање и дизајнирање на новата пликлиника. Здравствените центри мора да исполнуваат строги регулаторни и безбедносни стандарди. Изградбата на поликлиника е сложен и повеќеслоен процес, што бара внимателно планирање, координација и усогласеност со прописите за здравствена заштита, пишува во објавата на градоначалникот.
На граѓаните на општина Бутел, како што се додава, ќе им се овозможи широк спектар на здравствени услуги, со што повеќе не ќе мораат да патуваат по дваесеттина километри, за да ги задоволат здравствените потреби.
Костовски во објавата му се заблагодарува на премиерот Христијан Мицкоски, за кого вели дека „суштински стои зад овој мега проект“.