Ќе се извлечеме ли од опасната хигиенска криза?

Црвениот аларм кој со денови трепка, ја мобилизираше Заедницата на единиците на локалната самоуправа, која свика итен состанок со цел да се изнајдат решенија за нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена” и да се дејствува во наредните денови до крајот на изборите. Актуелниот претседател на ЗЕЛС и кандидат за скопски градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека на состанокот било решено да побараат поддршка од нивните колеги надвор од Скопје, со цел, како што нагласи, да го расчистат метежот со сметот. Сето ова затоа што, како што наведе Ѓорѓиевски, општините немаат сопствена механизација, ниту, пак, ингеренции да ги празнат контејнерите

Камиони и ѓубрарки од повеќе општини вчера го чистеа ѓубрето од контејнерите и од улиците во Скопје по алармантната кризна состојба која се случи во периодот меѓу двата изборни круга за локалните избори. Во Општина Центар ѓубрето го дигаа камиони од други општини, кои дојдоа да помогнат за да почне метрополата да се извлекува од опасната хигиенска криза која трае со денови.

Црвениот аларм кој со денови трепка, ја мобилизираше Заедницата на единиците на локалната самоуправа, која свика итен состанок со цел да се изнајдат решенија за нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена” и да се дејствува во наредните денови до крајот на изборите. Актуелниот претседател на ЗЕЛС и кандидат за скопски градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека на состанокот било решено да побараат поддршка од нивните колеги надвор од Скопје, со цел, како што нагласи да го расчистат метежот со сметот. Сето ова затоа што, како што наведе Ѓорѓиевски, општините немаат сопствена механизација, ниту, пак, ингеренции да ги празнат контејнерите.

– На Скопје му треба генералка и тоа не е квантна физика, тука треба добро да се организираме. Но, главната организација треба да е во „Комунална хигиена“, кое ги има сите ресурси за кои граѓаните плаќаат – рече Ѓорѓиевски.

Тој упати апел до раководството на „Дрисла” да покажат разбирање и да не вршат опструкции при влезот на механизацијата која ќе биде насочена кон транспортирање на отпадот што се таложи низ скопските улици.

–Нашите сограѓани редовно си ги плаќаат сметките, но за жал, услугата од градското претпријатие не ја добиваат. Затоа ќе дадеме сѐ од себе во наредните денови конечно да се исчисти Скопје и да се стави крај на оваа агонија – нагласи Ѓорѓиевски.

Инаку, Скопје стана елдорадо за глодарите. Веста дека десетгодишно дете било каснато од глушец на игралиште во скопската населба Капиштец, додека си играло со други деца, ја вознемири јавноста. Инцидентот се случил по наставата, на место каде што децата секојдневно играле. На игралиштето имало глувци и стаорци поради насобраниот смет во и околу контејнерите. Децата не знаејќи за опасноста од глодарите, се впуштиле во спасувачка мисија на заглавен глушец. Во обид да го спаси глушецот, едно дете било гризнато од него и од угризот му била раскрвавена раката. Инфектологот Никола Пановски на „Фејсбук“ предупреди дека Скопје се соочува со сериозен ризик од масовно размножување на глодари и можни заразни болести поради наталожениот смет и оти стаорците нема да чекаат втор круг на избори. Преполните контејнери со смет, кој со недели не се собира, ги привлекува глувците кои веќе станаа сериозна опасност по здравјето на луѓето.

За среќа, надлежните од ИЈЗ соопштија дека почнале да спроведуваат вонредна есенска дератизација, со која се опфатени 1.980 шахти во Центар.

Во меѓувреме останува да се бара вината за хаосот кој според единствениот репрезентативен синдикат за комунални дејности СУТКОЗ и ССМ паѓа врз раководството на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, но не и на вработените. Нагласуваат дека работниците немаат вина за тоа, бидејќи како што тврдат вложуваат максимални напори да се собере сметот. Најавија дека вработените во претпријатието и СУТКОЗ ќе ги преземат сите мерки против раководството на претпријатието кои им стојат на располагање, согласно со законите и колективните договори (кривични пријави и пријави до Државниот инспекторат за труд), притоа водејќи сметка да не се доведе во прашање положбата или здравјето на ниту еден вработен во претпријатието, како и здравјето на граѓаните на Град Скопје.

– Досега неколку месеци на вработените во претпријатието платата им се исплаќа со задоцнување и покрај нашите сознанија дека на сметката на претпријатието, редовно се префрлаат парични средства од наплатата на сметките од граѓаните. И покрај тоа што се доцни со исплатата на платата за месец септември, сакаме да ја известиме јавноста дека вработените во претпријатието редовно ги извршуваат своите работни задачи со средствата што им стојат на располагање, а тие се во недоволен број, односно има недостаток на камиони за собирање на смет, а за поголем број од нив нема резервни делови и не се во возна состојба – соопштија од СУТКОЗ.

Преполните улици со ѓубре останува тема и за партиски препукувања. Орце Ѓорѓиевски вели дека одговорноста за сметот во Скопје е кај менаџментот и има име и презиме, во случајот тоа е Данела Арсовска. Таа пак, на „Фејсбук“ по којзнае кој пат упати остри и недолични обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски, за кого рече дека заедно со неговите кадри го креираат проблемот со ѓубрето и дека континуирано прават хаос.

– Финансова полиција и МВР по твоја нарачка експресно упаѓаат по институции два дена откако ќе пријави твој партиски другар. Значи, се можело. А јас повеќе од шест месеци пријавувам и чекам во Чаир со тебе и твоиве институции заедно да одиме да ти го покажам лично криминалот – му порача Арсовска на Мицкоски.

Владата во вторникот донесе одлука со која го задолжи МВР, заедно со повеќе инспекциски и здравствени институции, веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во јавното комунално претпријатие. А истрага како и кој ја предизвика хаваријата со градското ѓубре веќе спроведуваат и обвинителите.