Ќе се снима филм за Тоше Проевски, иницијатор е Премиерот Мицковски! Андоновски: Одвоени се 1,5 милиони евра за овој проект

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека на иницијатива на премиерот Христијан Мицкоски за снимањето на филмот за Тоше Проески ќе бидат издвоени 1,5 милиони евра.

Тој рече дека идејата е од РМТВ и е копродукција од Македонија и од Балканот, но дека инспирацијата, иницијативата главно ја водел премиерот Христијан Мицкоски, во координација со Министерството за култура и Министерството за финансии.

Андоновски истакна дека ќе се снима игран филм, документарен филм и ТВ серија посветени на животот на македонскиот пејач Тоше Проески.

„Проектот ќе го кофинансираме со над 95 милиони денари, во форма на копродукција и мислам дека ова ќе биде нешто со што ќе се гордееме во следните 2 години, прво во подготовка, во снимање, ќе биде искуство за сите нас. Среќен сум што еден од првите чекори што ги прави оваа Влада во првите шест месеци е нешто вакво, да комеморира, да остави белег за идните генерации, славејќи ја најголемата македонска музичка икона“, додаде Андоновски.

Финансиските средства ќе се обезбедат од македонскиот буџет преку Министерството за дигитална трансформација.

Носител на проектот е Радио-телевизија на Македонија, како јавен сервис под надлежност на министерството предводено од Андоновски, а во копродукцијата ќе бидат вклучени и неколку национални телевизии од Балканот.