Џафери: Во процедура е координацијата за презентација на Договорот со „Бехтел и Енка“ пред пратениците
Писмото од премиерот Димитар Ковачевски со кое се согласува да им биде презентиран Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д на пратениците со безбедносен сертификат е во Собранието и координаторите на пратеничките групи веќе се известени. На која Комисија и колкумина пратеници со безбедносен сертификат ќе присуствуваат на презентацијата на Договорот се уште не се знае.
Ова го изјави претседателот на Собранието Талат Џафери на денешниот брифинг со новинарите, додавајќи дека презентацијата е се уште предмет на координација за определување термин и за тоа кое законодавно тело ќе ја води.
– На 2 мај имаме координација. Вчера ги известив координаторите да размислат за време. Може и деновиве да биде. Не се знае, рече претседателот на Собранието.
Џафери вели дека не го добил Договорот и не го знае, потенцирајќи и оти не е негова работа да го знае.
Претседателот на Собранието рече дека не знае колку пратеници имаат безбедносен сертификат, потенцирајќи дека нема да им биде доставен Договорот, туку само презентиран, бидејќи станува збор за класифициран документ.
Џафери информира и дека Предлогот за измени на Законот за работни односи, по скратена постапка, не е повлечен, туку дека се уште чека да почнат со работа и другите комисии чии претседатели се од ВМРО-ДПМНЕ, а кои треба да ги разгледаат шесте закони поврзани со Договорот со „Бехтел и Енка“ за коридорите 8 и 10д.
Тој не откри како ќе постапи доколку седниците наскоро не бидат свикани и само упати на Деловникот за работа на Собранието.
На редовниот брифинг со новинари тој информираше и дека следната нова седница е закажана за 10 мај, како и дека власта и опозицијата постигнале компромис за законите за следење на комуникациите, во делот на Граѓанскиот совет, и за Законот за ОТА, за избор на директор на оваа Агенција.