Џафери: Материјалните штети во Собранието ќе ги плати тој што ги предизвикал

По нереди, насилни однесувања, пцовки и навреди во собраниската сала, што ги упатија двајцата пратеници на „Левица“ Борислав Крмов и Димитар Апасиев, владата и ВМРО-ДПМНЕ со 83 гласа „за“ ја изгласаа новата собраниска регулатива. „Против“ гласаа само Крмов и Апасиев.

Поради насилничкото однесување на пратеникот Крмов, кој го скрши компјутерот од масата на претседателот на Собранието, скрши друг монитор, фрли парчиња опрема на под и ги фрли уставните амандмани, за ова изјави претседателот на Собранието Талат Џафери дека штетата настаната во собраниската сала треба да ја плати тој што ја направил.

„Ние сме вработени во Собранието и одговараме за имотот и инвентарот внатре. Дали ви е дозволено да кршите каде што работите? Не. Така е и во Собранието. Ќе се формира комисија за утврдување на материјалната штета, сметката ќе оди кај тој што ја предизвикал. Граѓаните не можат да плаќаат скршени компјутери“, вели Џафери.

За фрлањето писма по главата на Мисовски, Џафери сега не сака да коментира, само рече дека откако Никола Груевски му фрли вода во лице, си ветил дека ќе биде последниот пратеник чие насилно однесување во салата го толерирал како претседавач и не бил казнет.

„Пратеникот има имунитет само за кажаното на собраниската говорница. На чекор од говорницата и околу неа, нема имунитет за тоа што го прави и сакам да го потсетам во оваа прилика“, рече претседателот на Собранието.