– Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска имаше средба со Рајнер Вилант, потпретседател на Европскиот парламент и член на Комитетот за уставни прашања на Европскиот парламент и со европратеникот Свен Симон.
На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, присуствувале и членовите на Уставната комисија на македонското Собрание, но не во полн состав.
Џафери оценил дека средбата се случува во значаен период за Северна Македонија, кога земјата е во во фаза на преземање чекори за уставни измени.
Тој ги информирал соговорниците за процесот на скрининг и за нужноста од уставни измени потребни за понатамошно одвивање на процесот со одржување на втората меѓу-владина конференција со Европската унија.
Џафери ја објаснил моменталната политичка ситуација во земјава во однос на консензусот или двотретинското мнозинство кое е неопходно за потребните измени, потенцирајќи дека е крајно време сите политички партии кои по своите програми се определиле за евроинтеграцијата на државата да го направат потребниот чекор за остварување на таа стратешка определба.
Џафери ја објаснил целата процедура за иницирање и конечно донесување на уставните измени согласно Уставот и Деловникот за работа на Собранието.
Европратеникот Свен Симон, како што соопшти собраниската прес-служба, се интересирал кои се предлозите за излегување од оваа ситуација со уставните измени и дали се исцрпени сите можности за позитивен пристап и на опозицијата во наоѓањето на решение за ова прашање.
-Претседателот информираше дека во Собранието се изгласа Резолуција со која се дадоа насоки на Владата, а во контекст на францускиот предлог за идентитетските прашања за кои нема да се преговара и опозицијата беше дел од тоа. Секако дека опозицијата може да ги искористи сите можности кои ги нуди Уставот и Деловникот за работа на Собранието, се наведува во соопштението.