Џачка: Потребен е јасен сигнал, ЕУ треба да дефинира прелиминарна временска рамка за интеграција на регионот
– Министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Олта Џачка учествуваше на меѓународната конференција „Quo Vadis Europa? на покана на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, информираа од албанското МНР.
– Министерката Џачка за време на својот говор на сесијата „Проширување и соседство/Западен Балкан на патот кон Европската Унија“ истакна дека “кризата предизвикана од војната во Украина ја разбуди Европската унија и ја натера да размислува стратешки во однос на прашањето за проширување”.
– Потребна беше една војна, но денес ЕУ е фокусирана како никогаш досега и покажува волја да дејствува стратешки кон Западен Балкан. Има вистинска промена во пристапот на ЕУ кон регионот, за кој се надеваме дека ќе потрае и ќе стане конкретен во иднина, рекла шефицата на албанската дипломатијата.
Нагласила дека ЕУ треба да даде јасен сигнал со дефинирање на прелиминарна временска рамка за интеграција на регионот, што, според неа, ќе даде рамка и јасна цел што и кога да се постигне.
– Се надеваме дека ЕУ ќе работи со нас за економска и социјална конвергенција бидејќи без да му се помогне на регионот да го намали развојниот јаз што се зголеми во последните години, тешко дека ќе го достигнеме тоа понатаму на патот кон ЕУ. Последно, но секако не и најмалку важно, сакам да ја истакнам потребата од пораки за поддршка и охрабрување од нашите европски партнери и заложба од нивна страна дека проширувањето ќе се заснова на заслуги, посочила Џачка.
Според неа, проширувањето на ЕУ не е значајно само за Западен Балкан, туку за една постабилна Европа во целина.
Пренесувајќи ја информацијата за обраќањето на Џачка, албанските медиуми наведуваат дека на конференцијата организирана во Сантандер, Шпанија, учествуваат политички лидери од земјите-членки на ЕУ, Украина и други земји кандидати, европратеници, универзитетски професори и експерти за најважните геополитички прашања.