Џеки Чен станува амбасадор на ЕКСПО 2027 во Белград

Познатиот актер и мајстор на боречки вештини Џеки Чен ќе биде амбасадор на специјализираната изложба ЕКСПО 2027, која ќе се одржи за прв пат на Западен Балкан, во Белград

Темата на настанот „Играј за човештвото – спорт и музика за сите“ е дизајнирана да покаже како креативната игра преку спорт и музика може да придонесе за поврзување на луѓето и заеднички одговор на глобалните предизвици, а Џеки Чен, во интервју за „Еуроњуз“, нагласи дека спортот, музиката и културата не се одвоени, туку претставуваат различни јазици од ист дух, објави во вторник Танјуг.

Тој верува дека Белград ќе биде место на средба на Истокот и Западот во 2027 година.

Специјализираната изложба ЕКСПО ќе се одржи во Белград од 15 мај до 15 август 2027 година, со тема „Играј за човештвото – спорт и музика за сите“, а се очекуваат повеќе од четири милиони посетители во текот на 93 дена.

Досега, 120 земји го најавија своето учество.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пак, во јуни во Белград го претстави првиот официјален амбасадор на ЕКСПО 2027, легендарниот атлетичар Јусејн Болт.

„Навистина голема чест ми е што сум тука за прв пат. Возбуден сум што можам да го претставам ЕКСПО на целиот свет“, рече Болт по средбата со српскиот претседател во Белград.