Кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин денес во Пекинг разговараа и за долговечноста и бесмртноста.
Тие разговараа за ова додека одеа со севернокорејскиот претседател Ким Џонг Ун до местото од каде што ја гледаа големата кинеска воена парада на плоштадот Тјенанмен, по повод 80-годишнината од поразот на Јапонија во Втората светска војна. Нивното пристигнување на парадата беше емитувано во живо, а во таа пригода беа снимени како зборуваат за долговечност и бесмртност.
„И јас сум многу среќен. Помина долго време откако последен пат се видовме“, рече Си на мандарински, обраќајќи му се на Ким.
Претседателот на Северна Кореја му одговори преку преведувачи дека поминале шест години откако последен пат се виделе. Претседателот на Кина малку подоцна рече на својот мајчин јазик:
„Сега луѓето во седумдесеттите години се сè уште млади.“
После тоа, тројцата претседатели беа прикажани во широк кадар за време на преносот во живо, што го отежнува разбирањето кој зборува во тој момент, но се чини дека руски преведувач преведува што Си му кажал на Путин:
„Во минатото, луѓето ретко живееја подолго од 70 години, но денес на 70…“, рече Си, по што е тешко да се чуе што рекол потоа, но реченицата заврши со: „сè уште дете“.
Недолго потоа, преведувачот, за кој се претпоставува дека е преведувач на Путин, му рече на Си:
„За неколку години, со развојот на биотехнологијата, човечките органи ќе можат трајно да се трансплантираат, така што луѓето ќе можат да се подмладат, па дури и да бидат бесмртни“.
Кинескиот претседател одговори дека се претпоставува дека луѓето во овој век ќе живеат до 150 години, што преведувачот му го превел на Путин, кој подоцна им потврди на новинарите дека разговарале за долговечност, пренесува CNN.