Американскиот стручен коментатор на Eurosport Џон Мекинро изјави дека Србинот Новак Ѓоковиќ е најдобриот тенисер на сите времиња.
Мекинро (64) во кариерата во сингл освои 77 турнири, меѓу кои седум Грен слем трофеи, а легендарниот американски тенисер често јавно го фали Ѓоковиќ.
Така беше и неодамна кога пред камерите на Еуроспорт истакна дека она што Новак го прави во моментов е лудило кое не е видено во тенисот, а сега истакнува дека Новак не само што е најголемиот тенисер, туку и најдобар спортист во историјата.
– Луѓето можат да го сакаат или да го мразат Ѓоковиќ, но за мене тој е еден од најголемите, не тенисери, туку спортисти во историјата. Има неверојатни физички предиспозиции, а такви психички подготвени спортисти имаше многу, многу малку. Таа желба за победа, интензитетот во неговата игра, тоа е импресивно. Нема многу спортисти во историјата кои беа толку интензивни на теренот како Новак во текот на нивната кариера. За мене тој е во иста категорија со Мајкл Џордан – изјави Мекинро за хрватскиот Индекс.
Тој на новинарско прашање одговори дека денешниот тенис е досаден.
-Попрво би рекол дека е предвидливо, а за тоа е виновен Ѓоковиќ, најдобриот тенисер на сите времиња. Нема да кажам најголем, но најдобар сигурно. Тој го издигна тенисот на друго ниво и мислам дека дури сега почнуваме да го цениме тоа. Недопирливи беа Роџер Федерер и Рафаел Надал, а потоа дојде Новак и поремети сè. Сите сакаа Федерер и Надал да бидат на тоа ниво, а Ѓоковиќ на крајот стигна до тоа ниво. Мора да го цениме тоа. Не знам како го одржува тоа ниво, но знам дека не може да трае вечно – истакна Мекинро.
Тој потсети дека во претходниот период Ѓоковиќ, Федерер и Надал најчесто ги освојуваа Грен слем турнирите.
– Напредуваа од година во година, што најмногу го ценам кај нив, а никој од мојата генерација не го направи тоа. Борис Бекер експлодираше на 17 години, а Пит Сампрас ја заврши кариерата на 32. Во денешно време тениските кариери се многу подолги. Од друга страна, тројцата беа толку многу подобри од сите други што на Александар Зверев, Стефанос Циципас или Данило Медведев им беше исклучително тешко да освојат нешто. Карлос Алкараз може апсолутно сè и тој е најдоброто нешто што му се случило на тенисот. Ми се допаѓа Григор Димитров, кој многу се подобри. Тој е добро момче, но имаше проблеми во кариерата со повреди и самодоверба – заклучи Мекинро.
Ѓоковиќ ја брани титулата на Австралија опен, откако минатата година во финалето го совлада Гркот Стефанос Циципас со 6:3, 7:6 (7:4), 7:6 (7:5).
Српскиот тенисер во Мелбурн ќе се обиде да стигне до својата 11. титула на Австралија опен и 25. Грен слем трофеј во кариерата.