Џо Бајден на средба со претседателите на земјите кои имаат блиски врски со Русија: “Ја забрзуваме нашата соработка!“
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, во вторникот инсистираше на заеднички принципи на суверенитет, независност и територијален интегритет по разговорите со водачите на петте централноазиски земји и спомена можна посета на една од поранешните советски републики.
„Овие принципи денес се поважни од кога било“, кажа Џо Бајден на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, што може да се сфати и како прикриено предупредување за Русија.
„Со нетрпение очекувам да ве видам повторно наскоро, можеби во некоја од вашите земји“, додаде тој.
Џо Бајден одржа средба, прва од ваков вид на ова ниво, со претседателите на Таџикистан, Киргистан, Казахстан, Туркменистан и Узбекистан, објавија американските медиуми.
Тоа се земји кои одржуваат блиски политички, економски и воени врски со Москва, но кои исто така работат на воспоставување добри односи со западните сили.
„Шестмината лидери дискутираа за многу теми: безбедност, трговија и инвестиции, поврзаност, потребата од почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите нации и тековните реформи за подобрување на доброто владеење и владеењето на правото“, се вели во соопштението објавено од Белата куќа.