ЏО БАЈДЕН ОФИЦИЈАЛНО ПОТВРДИ – Дополнителна американска помош е на пат за Израел

Дополнителна американска помош е на пат за Израел, му потврди денес претседателот на САД, Џо Бајден, на премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, за време на нивниот разговор, соопштуваат американските медиуми.

Претседателот Џо Бајден го информираше премиерот за интензивниот дипломатски ангажман што САД го презедоа во последните 24 часа за поддршка на Израел. Претседателот, исто така, кажа дека дополнителна помош за израелските одбранбени сили сега е на пат за Израел и дека повеќе ќе дојде во наредните денови“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Во соопштението се додава дека Џо Бајден повторно изразил сочувство за исчезнатите, ранетите и убиените и разговарал за напорите да се осигура дека нема други ривали на Израел да ја искористат ситуацијата.

Times of Israel наведува дека Џо Бајден и потпретседателката на САД, Камала Харис, се информирани за ситуацијата во Израел и дека остануваат во близок контакт со израелските партнери.

Бенјамин Нетанјаху и Џо Бајден

Џо Бајден и Бенјамин Нетанјаху зборуваа и во саботата, кога почнаа нападите на Хамас врз Израел, кога Џо Бајден истакна дека САД стојат покрај Израел и целосно го поддржуваат правото на Израел на самоодбрана.

Бенјамин Нетанјаху му се заблагодари на Џо Бајден за неговата безрезервна поддршка и јасно стави до знаење дека е неопходна силна, продолжена кампања во која Израел ќе победи.

Групата Хамас започна напади врз Израел во саботата, при што загинаа најмалку 600 Израелци, а повеќе од 2.000 се ранети. Како одмазда, Израел започна воздушни напади во кои, според палестинските власти, најмалку 370 луѓе загинаа во Појасот Газа, а околу 2.200 беа ранети.