Џулијан Асанж на чекор пред екстрадиција во САД !? Неговата сопруга предупредува: “Здравјето му се влошува, ако го екстрадираат – ќе умре!“

За основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, претстојното рочиште пред Високиот суд во Лондон во врска со неговата жалба против пресудата за екстрадиција на САД е прашање на живот и смрт, вели неговата сопруга, Стела.

Неговото здравје се влошува и психички и физички. Неговиот живот е во опасност секој ден што го поминува во затвор. Ако биде екстрадиран, ќе умре“, изјави Стела Асанж на прес-конференција, пренесува медиумската агенција Reuters.

Таа додаде дека ќе поднесе барање до Европскиот суд за човекови права да ја блокира екстрадицијата доколку одлуката на Високиот суд во Лондон не биде поништена на сослушувањето следната недела. Велика Британија ја одобри екстрадицијата на Џулијан Асанж во САД во 2022 година.

Судот во Лондон претходно пресуди во јануари 2021 година дека Џулијан Асанж не треба да биде екстрадиран бидејќи неговото ментално здравје е во толку лоша состојба што би бил изложен на ризик од самоубиство доколку се наоѓа во затвор со максимална безбедност во САД, но таа одлука беше сменета откако жалби од американските власти, кои дадоа низа гаранции дека соодветно ќе се однесуваат кон Џулијан Асанж.

Во 2010 година, „Викиликс“ објави стотици илјади доверливи документи и дипломатски телеграми, за кои американските обвинители тврдат дека „сериозно ги загрозиле“ животите на американските функционери, додека поддржувачите на Џулијан Асанж тврдат дека тој бил „жртва за разоткривање на американските злосторства“.

Џулијан Асанж помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон, пред да биде затворен во 2019 година поради прекршување на условите за кауција, по што беше префрлен во затвор во Лондон.