Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс денес изјави дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп верува оти Русија „бара премногу“ во својот првичен предлог за договор за прекин на војната со Украина.
За време на говорот на настан организиран од Минхенската безбедносна конференција во Вашингтон, Венс ја нагласи важноста на директните преговори меѓу Русија и Украина, велејќи дека САД се заинтересирани за долгорочно решение кое би го запрело руско-украинскиот конфликт, пренесува CBS News.
„Секако, нашата реакција на првиот мировен предлог што Русите го ставија на маса беше дека тие бараат премногу. Она што би го кажал е дека Русите бараат одреден сет отстапки за да се стави крај на конфликтот. Не би рекол дека Русите не се заинтересирани за решавање на ова прашање, но сметаме дека тие бараат премногу“, рече Венс.
САД и Украина во март објавија дека Киев е подготвен да прифати 30-дневен прекин на огнот со Русија, меѓутоа, според Венс, Русите заклучиле дека таквото прекинување „не е во нивен стратешки интерес“.