10 лица загинаа во пожар во турско одморалиште, повеќе од 200 луѓе помогнаа во спасувачката операција

10 лица загинаа, а 32 се повредени во пожарот што го зафати хотелот во ски-центарот Карталкаја во турската провинција Болу.

Пожарот избувнал утринава околу 3 часот и 30 минути на четвртиот кат од хотелот.

Екипи за итни случаи, вклучувајќи 30 противпожарни возила и 28 амбулантни возила, биле испратени на местото на настанот од Болу и околните провинции.

85 возила и 231 член на персоналот биле вклучени во гаснењето и спасувачките операции.

„Прелиминарните сознанија покажуваат дека шест наши граѓани го загубиле животот, а 31 се повредени. Напорите за гаснење на пожарот продолжуваат без прекин, а повредените се сместени во болниците во нашата провинција“, соопштија од кабинетот на гувернерот пред да се зголеми бројот на жртвите на десет.

Гувернерот на Болу Абдулазиз Ајдин изјави дека причината за пожарот е непозната.

Хотелот примал 234 гости во моментот на инцидентот, додаде Ајдин.

Властите започнаа истрага за да се утврдат причините за пожарот.

Скијалиштето Карталкаја, сместено на врвот на планината Короглу, е популарен зимски центар кој се наоѓа на 38 километри од Болу и 270 километри од Истанбул.