11 лица, од кои седум полицајци, се приведени – осомничени за злоупотреба на дозволи за престој во Македонија
Јавното обвинителство соопштува дека во денешната полициска акција биле извршени претреси на 15 локации, во Скопско, Штип и на граничниот премин Блаце. Според истражното тело, уапсени се 11 лица осомничени за злоупотреба на дозволи за престој во Северна Македонија, додека други две лица во моментов се недостапни за властите.
Според соопштението, 7 од уапсените се полицајци. Обвинителството бара притвор за 5 осомничени, додека за уште 8 бара мерки на претпазливост.
„Осомничените, во периодот од јануари до април годинава во Штип, користејќи го своето наводно влијание врз осомничени полицајци од граничниот премин Блаце и инспектори од Секторот за странци во Штип, со кои претходно имале пријателски односи, во најмалку четири наврати им овозможиле на најмалку пет странски државјани кои нелегално престојувале во Република Северна Македонија непречено да ги средат своите дозволи за престој.“
Осомничените, во замена за одредена награда, посредувале и преземале дејствија за да обезбедат на турските државјани, чиј рок на престој заради студирање е истечен, да им бидат обезбедени привремени дозволи за престој во Република Македонија. Осомничените полициски службеници, со прифаќање на влијание од посредници за лична корист, ги пречекориле своите службени овластувања и не ја извршиле својата должност.“
„Со оглед на тоа што нелегалниот престој, согласно одредбите од Законот за странци, е прекршок за кој е предвидена глоба од 50 до 250 евра во денарска противвредност, осомничените го оштетиле и Буџетот на Република Северна Македонија“, додава Обвинителството.