Европската комисија има намера да собере околу 15 милијарди евра до 2027 година за поддршка на Украина од замрзнатите руски средства, пишува Фајненшл тајмс.
Цел на овој предлог на ЕК ќе бидат само приходите од средствата на руската централна банка, кои треба да генерираат до три милијарди евра годишно.
Овој нацрт ќе биде усвоен доколку биде одобрен на состанокот на бордот на Европската комисија што ќе се одржи во Стразбур.
Весникот наведува дека овој предлог бил претставен летово, но дека некои членки на Европската унија и Европската централна банка изразиле сомнеж за неговата правна и финансиска одржливост.
Сепак, проблемите со собирањето помош за Киев им дадоа нов поттик на обидите да се искористат приходите од замрзнатите руски средства.
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Јосеп Борељ, претходно потврди дека Европската комисија на 12 декември ќе претстави нацрт за посебно оданочување на приходите од замрзнатите руски средства.