150 загинати и 112 исчезнати во обилните дождови и поплавите во јужен Бразил

– Најмалку 150 лица загинаа, а 112 се водат за исчезнати во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул, како последица на обилните дождови и поплави, соопшти денес државната агенција за цивилна одбрана.

Агенцијата наведува дека во инцидентите предизвикани од поплавите биле повредени 807 лица. Повеќе од два милиони луѓе се погодени од поплавите, а 620.000 се раселени.

Се наведува дека од областа на катастрофата се спасени 80.000 луѓе и дека во тек се операции за пребарување и спасување.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, кој по трет пат ја посетува областа на катастрофата, се очекува да објави нов пакет за помош.

Земјата прогласи „состојба на катастрофа“ 180 дена и направи значителни напори за евакуација на луѓето.