42-годишен велешанец е трет пациент со конго-кримска треска: Рибарел на Вардар, а на ногата има траги од убод од крлеж

Во моментов стабилна е состојбата на 42-годишниот маж од Велес кај кого е потврдена конго-кримска хеморагична треска. Суспектниот пациент е донесен во саботата вечерта од Велешката болница на Инфективната клиника во Скопје и неговата дијагноза е потврдена. Се жалел на покачена температура, главоболка и мускулно-зглобни болки. Можниот начин на зараза е риболовот покрај еден дел на Вардар каде што имало многу влага и непроодна трева.

„Кај овој пациент тој свесно не дава податок дека бил каснат од крлеж, што не мора секогаш и да биде забележано. Има една рана која може да биде од укасување на крлеж, меѓутоа тоа го заклучуваме индиректно и клинички. Тој самиот не е свесен дека бил каснат од крлеж, не ретко се случуваат и такви убоди“, изјави докторка Милена Стевановиќ, директорка на Универзитетска клиника за инфективни болести.

Во моментов, по епидемиолошката анкета на Центарот за јавно здравје Велес, под лекарски надзор се ставени четири лица од потесното семејство на конкретниот пациент и уште пет медицински лица кои го примиле во Велешката болница. Важно е да се напомене, додава Стевановиќ, на кои се начини може да биде пренесена конго-кримската треска, покрај убодот од крлеж:

„Конго-кримската треска ја пренесува крлеж. Но, може да се пренесе и од консумирање на несоодветно третирано млеко, месо од заразени животни. Најчесто се пренесува кај луѓе кои се професионално оптеретени: здравствени работници, сточари, риболовци, ловџии со директни убоди од инсекти, оние кои ги колат и обработуваат месните продукти на евентуално заболени животни“, додава докторка Стевановиќ.

Во испитувањата за можната зараза се вклучени Факултетот за ветеринарна медицина и епидемиолозите со заловување на инсекти во реонот каде рибарел пациентот кај кого е потврдена конго-кримска хеморагична треска.

Во меѓувреме стабилна е состојбата на болничарката која пројави симптоми на конго-кримска хеморагична треска и која се зарази во директен контакт со 27-годишната штипјанка која почина од оваа болест по каснување од крлеж, контакт со среден ризик.

Лекарите со апел граѓаните да внимаваат на заштитата кога престојуваат на отворено, да носат соодветна облека, светла за да може полесно да се забележи инсект. Рибарите да носат високи чизми, ловџиите и оние кои планинарат секогаш да бидат со облека која го покрива целото тело. И особено здравствените работници во ниту еден случај да не го забораваат редовниот протокол за заштита при работа. Конго-кримската хеморагична треска се пренесува преку заразени крлежи, но може да се пренесе и преку контакт со заразено лице. Смртноста е огромна и се пресметува во над 40 отсто од досега регистрираните случаи.