ЕКИПАТА НА ‘ВО ЦЕНТАР’ НА МЕСТОТО НА ЗЛОСТОРСТВОТО: Ужас на сите страни во Белград – сцените се морничави, граѓаните во очај палат свеќи (фото/видео)

„Ова е најголемата трагедија во историјата на Србија“ – со вакви и слични наслови денес медиумите од соседството го опишаа крвавиот чин што се случи рано утринава во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград.

Утрово, околу 08:40 часот, 14-годишниот Коста К. изврши невиден масакар убивајќи осум соученици (7 девојчиња и 1 момче) и чувар од споменатото основно училиште а неколкумина тешко повреди. Седмо-одделенецот злочинот го извршил со украден пиштол од неговиот татко, а според познатите информации мотив за ова било „недоличното“ однесување од неговите соученици.

Коста К. по извршување на крвавиот чин побегнал од местото на настанот, но подоцна полицијата успеала да го совлада и да го приведе во станица. Според информациите на соседните медиуми момчето не се каело за стореното дело, а како што претходно соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија во неговиот дом биле пронајдени предмети т.е. докази кои укажуваат на тоа дека тој го припремал овој крвав злочин подолго време.

Екипата на Во Центар денес го посети местото на настанот, односно основното училиште во Врачар. Во Србија владее тотален шок и неверување, граѓаните се избезумени и не знаат како ова се случило во нивната земја. На местото на настанот, повеќе граѓани се собираат и палат свеќи во чест на душите на починатите.

Владата на Србија прогласи тридневна ден на жалост, а претседателот Александар Вучиќ попладнето изрази големо жалење и најави заострување на законските мерки и безбедноста во училиштата.

Екипата на Во Центар на местото на настанот затекна неколку луѓе кои дошле пред училиштето да запалат свеќа и остават цвеќе во чест на загинатите. Со оние кои поразговаравме кажаа дека не паметат претходно вакво нешто да се случило во Србија и воглавно не ја знаат причината но и мотивот за ваков крвав чин од малолетник. Во Белград се гледа ужасот на сите страни а сцените се морничави.

Во прилог погледнете какви сцени затекнавме од местото на настанот:

Белград, Србија
Белград, Србија
Белград, Србија