Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ја потпиша првата официјална наредба за забрана на 53 веб-страници кои нелегално нудеа онлајн коцкање во Северна Македонија.
За време на интервјуто во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, Андоновски нагласи дека овие страници ги користеле македонски граѓани, кои се најавувале преку локални IP адреси и трошеле пари на овие платформи кои немаат дозвола за работа во земјата.
„Со оваа забрана, блокирани се 53 портали кои нелегално нуделе коцкање и на кои се најавени македонски играчи. Знаеме дека тие се од Македонија бидејќи пристапуваат од македонски адреси и ги трошат своите пари“, изјави министерот.
Тој додаде дека ова се најактивните портали, со најголем број корисници и најголем оптек на финансиски средства. Наредбата веќе е испратена до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), која мора да ја проследи до телекомуникациските оператори во земјата во рок од 7 дена, кои ќе имаат задача веднаш да го блокираат пристапот до овие страници.
Андоновски нагласи дека ова е само првата мерка во борбата против нелегалното коцкање, насочена кон заштита на граѓаните и регулирање на дигиталниот пазар.