6,5 МИЛИОНИ ГЛАСАЧИ: Избори во Србија, за што ќе се гласа, кои се изборните листи, изборни правила, проценки и кога се очекуваат резултати
По неполни две години, Србија утре, 17 декември од 07 до 20 часот излегува на избори на кои 6.500.666 граѓани ќе гласаат на вонредните парламентарни, покраински, на изборите за 65 градови и опшини и за градот Белград, каде се запишани 1.613.369 гласачи, а првите прелиминарни резултати и процени може да се очекуваат нешто после 20 часот, јави дописникот на МИА од Белград.
На воредните парламентарни избори граѓаните ќе гласаат за 18 изборни листи за Собранието на Србија кое брои 250 пратеници.
Први кои поднесоа изборна листа е коалицијата на владеачката Српска Напредна Странка (СНС), партијата на претседателот Александар Вучиќ, која ќе излезе на изборите под слоганот „Александар Вучиќ-Србија заедно со коалициските партнери Расим Љајиќ (Социјалдемократска партија на Србија), Милан Кркобабиќ (ПУПС), Милан Стаматовиќ (Здрава Србија) и Ненад Поповиќ (Срспка народна партија). Кандидат за градоначалник на Белград од оваа партија ќе биде досегашниот градоначалник Александар Шапиќ.
Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ (СПС) на изборите оди самостојно со своја листа со назив „Ивица Дачиќ-премеир на Србија“ во коалција со Единствена Србија (ЈС) на Драган Марковиќ Палма и со Зелените на Србија (ЗС), а Тома Фила, кои има македонско потекло ќе биде заднички кандидат за градоначалник на Белград.
„Србија против насилството“ е изборна листа на проевропската опозиција или Партијата за слобода и правда (ССП), Народното движење на Србија, Зелено-левиот фронт/Не го давиме Белград, Срце, Еколошкото востание, Демократската партија (ДС), Движењето на слободни граѓани (ПСГ), партијата Заедно и синдикатото Слога, со Мирослав Алексиќ и Мариника Тепиќ како носители на листата на републичките избори, а Владимир Обрадовиќ е кандидат за градоначалник на Белград.
Социјалдемократската странка (СДС) на поранешниот претседател Борис Тадиќ не успеа да влезе во коалиција со проевропските парти и оди со посебна изборна листа Добро утро Србијо, заедно со Саша Радуловиќ од Доста беше (ДЈБ).
На изборите самостојно ќе излезе и Либерално демократската партија (ЛДП) на Чедомир Јовановиќ, со листа „Мораме поинаку“.
Опозиционите партии од десницата, партијата на Вук Јеремиќ, Двери, Радикалите на Воислав Шешељ, Нов ДСС на Милош Јовановиќ, Заветници, ПОКС, засега не успеа да постигнат договор за заедничка коалиција на овие ибори во Србија.
Народната партија на Вук Јеремиќ оди самостојно на изборите со листата „Сигурен избор“, Новата Демократска странка (ДСС) на Милош Јовановиќ и ПОКС-Движењето за обнова на кралевина Србија понесоа своја листа под име „Надеж за Србија“, како и Двери на Бошко Обрадовиќ и Заветници на Милица Ѓурѓевиќ Стаменковска кои имаат изборна листа „Национално собирање-Државотворно сила“.
Српската радикална странка на Воислав Шешељ на парламентарните избори оди самостојно со своја изборна листа, додека на локално ниво и на изборите за град Белград се во коалција со СНС.
Од партиите на националните малцинства, најголемата, Сојузот на Унгарците од Војводина оди самостојно со своја изборна листа, како и СДА Санџак на Сулејман Угљанин.
Малцинска изборна колација со своја листа поднесоа партијата на Усама Зукорлиќ-Странката на Бошњаците од Санџак и Томислав Жигманов од Демократскиот сојуз на Хрватите.
Одделни изборни листи поднесоа и двете албанските партии во Србија-Албанската демократска алтернатива и партијата на Шаип Камбери.
Нешто помалку листи се на гласачкото ливче за покраинските избори. Граѓаните на Војводина овојпат ќе избираат од 13 различни изборни листи, додека за градот за градот Белград граѓаните ќе бираат меѓу 14 изборни листи.
Според анкетите, за изборите за Собранието на Србија, во голема предност за победа, со разлика од 10% е владечката СНС, но ноизвесно е дали ќе може сама да освои мнозинство за формирање на Влада, или ќе мора да коалицира со традициналните партнери, меѓу кои е СПС на Ивица Дачиќ, кој ќе биде „тас на вагата“ за формирање на идната власт.
Најнеизвесна „изборна битка“ ќе биде за Собранието на град Белград, каде проевропската опозиција „Србија против насилството“ има големи шанси за победа. Но и во овој случај енигма е дали ќе освои довлно гласови, да може да формира самостојно мнозинство, или ќе мора да коалицира со десницата или со СПС на Дачиќ. СПС и овојпат е тас на вагата и обратно за СНС, за која се проценува дека нема да може самостојно да освои градската власт и ќе мора да коалицира.
Изборниот циклус на изборите за пратеници ќе го следат 5.587 набљудувачи. Станува збор за девет домашни здруженија, односно 25 меѓународни организации и странски држави, меѓу кои меѓународната фондација за изборни системи, потоа Парламентарното собрание на ОБСЕ, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Делегацијата на Европската Унија во Србија, Европскиот парламент, потоа амбасадите на Норвешка, Швајцарија, Холандија и други.
Република Србија, според постојниот изборен закон, претставува една изборна единица. Пратеничките мандати се распределуваат пропорционално според бројот на освоени гласови.
Како што покажаа претходните изборни циклуси, првите прелиминарни резултати од изборите во Србија се очекуваат речиси во првиот час по затворањето на гласачките места, кога некои партии веќе излегуваат со свои проценки.
Конечниот резултат, сепак, го даваат изборните комисии (републички, покраински или градски), а целиот процес може да потрае, како што покажа случајот од 2022 година.
Конечните резултати од парламентарните избори одржани на 3 април 2022 година, Републичката изборна комисија ги објави дури три месеци подоцна – на 5 јули.
По објавувањето на конечните резултати, започнува рокот од 30 дена за конституирање на Народното собрание. Рокот за формирање на Влада е 90 дена од денот на конституирањето на Народното собрание.
По изборите во април 2022 година, новата влада беше формирана дури на 26 октомври истата година.