СО КАКВА КАЗНА СЕ СООЧУВА? – 8-дневен притвор за анестезиологот кој снимал пациенти и медицински персонал во тетовската болница

Осумдневен притвор за 43-годишниот анестезиолог кој во живо споделуваше пациентки и персонал на одделот за гинекологија во тетовската болница. Притворот ќе го издржува во Шутка во Скопје.

На докторот на товар му се ставаат две дела, неовластено снимање и злоупотреба на службената положба.  За неовластено снимање препишана е парична казна или затвор до 1 година, меѓутоа, бидејќи станува збор за службено лице, казната може да биде од 3 месеци до шест години. Кривичниот законик предвидува и казна затвор од 3 месеци до 3 години за делото злоупотреба на службената положба, а за поголема штета или потешка повреда на правата на друг, казната може да биде од 6 месеци до 5 години.

Инцидентот предизвика бура реакции. Министерот Меџити вчера беше во Тетово за да се запознае со случајот, а епилогот беше бркање од работа. Тој побара и трајно да му се одземе лиценцата за работа, бидејќи рече дека здравствените работници се срамат од ваквото однесување на 43-годишниот анестезиолог.

Лекарската комора го осуди инцидентот уште веднаш, но денеска не сакаат да откријат дали и кога ќе одлучуваат за одземање на лиценцата, како што побара Меџити. Оттаму најавуваат дека јавноста за натамошното делување на Комората ќе биде известена дури во вторник.

Докторот анестезиолог на социјалната мрежа ТикТок се вклучил во живо од делот за киража, во одделот за гинекологија. Ги снимаше пациентките, но и персоналот, а тие не беа свесни дека тој во живо ја пренесувал атмосферата.

Случајот, кај директорот на тетовската болница го пријавил новинар. Директорот пријавил во полиција, па анестезиологот беше приведен во тетовското село Одри, кадешто и живеел.