ФОТО | ВЛАДИМИР ПУТИН ЈА НАПУШТИ РУСИЈА – За првпат по налогот за апсење од МКС првиот човек на Кремљ отпатува во посета на друга земја
Претседателот на Русија, Владимир Путин, пристигна во Киргистан во четвртокот, објавија медиумските агенции на двете земји, што е прво јавно објавено патување на првиот човек на Кремљ во странство откако Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за негово апсење.
Владимир Путин ретко ја напушта Русија од почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година и не се знае дека патувал надвор од земјата откако МКС издаде налог за апсење во март под сомнение дека незаконски депортирал стотици деца од Украина. Кремљ, очекувано, ги негира ваквите обвинувања.
Претседателот на Русија во текот на денот треба да разговара со својот киргистански колега Садир Јапаров, а во петок ќе учествува на самитот на лидерите на независни држави, кој обединува неколку поранешни советски републики.
„На покана на киргистанскиот претседател Садир Јапаров, претседателот на Руската Федерација Владимир Путин на 12. октомври официјално ќе ја посети земјата“, објави претходно на својата веб-страница киргистанската претседателска администрација.
Во мај, за време на разговорите со Јапаров, Владимир Путин ја прифати поканата да го посети Киргистан.
Претседателот на Русија следната недела треба да отпатува во Кина на третиот форум на Иницијативата „Појас и пат“ во Пекинг.
За потсетување, ниту Киргистан ниту Кина не се членки на МКС, па затоа Владимир Путин може слободно да патува во овие земји.
Официјална Москва ги негира обвиненијата на МКС, а Кремљ соопшти дека налогот е доказ за непријателството на Запад кон Русија, што поттикна кривична постапка против обвинителите на МКС и судиите кои го издадоа налогот.