Европа се соочува со „сериозна јавно здравствена криза“, при што речиси сите ширум континентот живеат во области со опасни нивоа на загадување на воздухот, покажа истражувањето на „Гардијан“.
Анализата на податоците собрани со користење на најсовремена методологија – вклучувајќи детални сателитски снимки и мерења од повеќе од 1.400 копнени станици за мониторинг – открива страшна слика за валканиот воздух, при што 98% од луѓето живеат во области со високо штетно загадување со честички кои ги надминува упатствата на Светската здравствена организација.
Највеќе погодена Северна Македонија
Највеќе погодена земја во Европа е Северна Македонија. Речиси две третини луѓе ширум земјата живеат во подрачјата со повеќе од четири пати поголемо загадување од упатствата на СЗО за ПМ2,5, додека е утврдено дека четири подрачја имаат загадување на воздухот речиси шест пати повеќе, вклучувајќи го главниот град Скопје.
Загадување на воздухот: Источна Европа полоша од Западна Европа
Источна Европа е значително полоша од западна Европа, освен Италија, каде што повеќе од една третина од оние што живеат во долината По и околните области на северот на земјата дишат загаден воздух, што е четири пати повеќе од бројката на СЗО за најопасни честички.
Гардијан соработуваше со експерти за загадување за да создаде интерактивна мапа која ги открива најпогодените области на континентот. Мерењата се однесуваат на ПМ2.5 – ситни честички во воздухот кои главно се создаваат со согорување на фосилни горива, од кои некои можат да поминат низ белите дробови и да влезат во крвотокот, влијаејќи на речиси секој орган во телото.
Тековните упатства на Светската здравствена организација наведуваат дека просечните годишни концентрации на ПМ2,5 не треба да надминуваат 5 микрограми на кубен метар (μg/m3). Новата анализа покажа дека само 2% од населението во Европа живее во области во рамките на оваа граница. Експертите велат дека загадувањето со ПМ2,5 предизвикува близу 400.000 смртни случаи годишно низ целиот континент.
„Ова е тешка јавно здравствена криза“, рече Роел Вермеулен, професор по еколошка епидемиологија на Универзитетот во Утрехт, кој го предводеше тимот на истражувачи ширум континентот што ги собираше податоците. „Она што го голедаме е сосема јасно дека речиси сите во Европа дишат нездрав воздух.“
Исто така, податоците откриваат дека:
– Речиси сите жители во седум источноевропски земји – Србија, Романија, Албанија, Северна Македонија, Полска, Словачка и Унгарија – имаат двојно повеќе PM2,5 од упатствата на СЗО.
– Повеќе од половина население на Северна Македонија и Србија живее со четири пати повеќе ПМ2,5 од вредноста на СЗО.
– Во Германија три четвртини од населението живеат со двојно повеќе ПМ2,5 од упатствата на СЗО. Во Шпанија оваа бројка е 49%, а во Франција 37%.
– Во Велика Британија, три четвртини од населението живеат во области каде што изложеноста е меѓу еден и два пати повеќе од упатствата на СЗО, со речиси една четвртина повеќе од двојно повеќе од таа граница.
– Околу 30 милиони Европјани живеат во подрачјата со мали концентрации на честички кои најмалку четири пати се поголеми од препораките на СЗО – Во Шведска, спротивно од тоа, не постои област во која ПМ2,5 достигнува повеќе од два пати од вредноста на СЗО, а некои подрачја во северна Шкотска се меѓу ретките ширум Европа кои се под тоа.
Сообраќајот, индустријата, греењето во домаќинствата и земјоделството се главните извори на ПМ2,5, а влијанието често несразмерно го чувствуваат најсиромашните заедници.
Загадување на воздухот клучно прашање во Европа
Загадувањето на воздухот стана клучно прашање во Европа, а ЕУ е под притисок да стори повеќе за да се справи со растечката јавно здравствена криза. Минатата недела, Европскиот парламент гласаше за усвојување на упатствата на СЗО за PM2,5 до 2035 година. Законот, кој допрва треба да биде финализиран во преговорите со Советот, ќе постави законски обврзувачка граница на годишните концентрации на ПМ2,5 од 5µg/m3. намалување од 25 µg/m3 денес.
Меѓутоа, експертите велат дека е потребна итна акција. Тие укажуваат на се поголем број докази кои покажуваат дека загадувањето на воздухот влијае на речиси секој орган во телото и е поврзано со огромен спектар на здравствени проблеми, од болести на срцето и белите дробови до рак и дијабетес, депресија и ментални болести до когнитивни оштетувања и предвремено раѓање.
Една неодамнешна студија покажа дека загадениот воздух е одговорен за милион мртвородени годишно, а друго дека младите кои живеат во градовите веќе имаат милијарди токсични честички од загадувањето на воздухот во нивните срца.
Д-р Хана Бугард, експерт за загадување на воздухот во Европа во американскиот Институт за здравствени ефекти, рече дека новата анализа е клучна да ја информира дебатата за загадувањето на воздухот и неговите ефекти на континентот, што, според неа, резултирало со стотици илјади смртни случаи секоја година.
„Овие смртни случаи можеа да се спречат и процената не вклучува милиони случаи несмртоносни болести, години на инвалидитет, хоспитализации кои можат да се припишат или здравствени последици на други загадувачи.“ Таа рече дека потегот за заострување на ограничувањата на ЕУ пружи „единствена прилика да бидете храбри …и да ги максимизрате користите за јавното здравје за Европа и пошироко.“
Кои се чекорите против загадувањето?
Некои градови низ Европа, вклучувајќи ги Лондон и Милано, преземаат чекори за борба против загадувањето на воздухот, од воведување зони со ултра ниска емисија до програми за намалување на сообраќајот и иницијативи за пешачење и возење велосипед. Но, експертите велат дека политичарите треба да дејствуваат поитно во светлината на сè поголемите докази за штета.
Истражувањата исто така покажа дека посиромашните заедници во земјите имаат поголема веројатност да живеат во области со највисоко ниво на загаденост на воздухот. Барбара Хофман, професорка по еколошка епидемиологија на Универзитетот во Дизелдорф, рече дека загадувањето на воздухот е прашање на „еколошка неправда“.
„Најлошо погодените земји се и земјите со најнизок среден приход, со неколку забележителни исклучоци – ова го илустрира степенот на еколошката неправда што ја доживуваме во ЕУ. Чистењето на воздухот особено во Источна Европа е итно потребно за да се обезбедат еднакви можности за здрав живот низ Европа“.
Податоците ги собраа академици од Универзитетот во Утрехт во Холандија и Швајцарскиот институт за тропско и јавно здравје како дел од проектот „Expanse“ финансиран од ЕУ.
Тие користеа комбинација на извори, од сателитски податоци со висока резолуција до станици за следење на загадувањето и информации за користење на земјиштето, за моделирање на просечните годишни нивоа на ПМ2,5 низ Европа во 2019 година.
Тие велат дека нивото на загаденост денеска нема да биде значително различно, но додаваат дека има области каде што се спроведени строги мерки против загадувањето кои забележале одредени подобрувања. Севкупниот резултат е една од најточните и најсеопфатните слики за загадувањето на воздухот низ целиот континент досега.
Вермеулен рече: „Ова се најдобрите податоци што се достапни во моментов… Сега ни требаат политичарите да бидат храбри и амбициозни и да ги преземат неопходните итни чекори за решавање на оваа криза“.