Aбазовиќ за идната влада на Црна Гора: Луѓето треба да направат нешто што јас не би го направил

Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ изјави дека ја информирал Агенцијата за спречување на корупцијата дека нема да ја извршува функцијата заменик додека не се избере нова влада.

Тој рече дека не може да поднесе оставка од премиерската функција бидејќи „нема кој да го замени“.

– Законот е таков, не предвидувал такви работи. Колку побрзо се избере нова влада, толку побрзо ќе дадам оставка. Некој мора да управува со државата… Невозможно е да се каже – утре нема да дојдам на работа. Ако е министер, тоа е можно, бидејќи некој може да биде задолжен за извршување на неговите должности – изјави Абазовиќ на новинарите по поставувањето на камен-темелникот на новата зграда на училиштето „Владимир Назор“ во Подгорица.

Абазовиќ рече дека Црна Гора „никогаш нема да има поинклузивна влада“ од онаа на чело со него.

– Сите беа застапени, ако не на министерски позиции, тогаш во државни претпријатија, во јавна администрација, во одбори… Тоа важеше и за коалицијата ,,За иднината на Црна Гора” – рече тој.

На прашањето за формирање на нова влада, тој рече:

– Прашање е на преговори, како ќе се договорат.

Абазовиќ рече и дека, доколку се формира влада, со задоволство ќе премине во опозиција, бидејќи „луѓето треба да направат нешто што тој не би го направил“.

Тој рече дека не сака да се изјасни како е формирана владата „и за чии интереси“, бидејќи тоа би било несоодветно.

– Многу се зборуваше, како некој да ги попречува да направат нешто. Но, кога ќе заврши ,,медениот месец” немојте да се чудите. Дозволете, како што би рекле младите, да земеме пуканки и да започне приказната. Само напред, што поскоро, па одиме во втората фаза – изјави Абазовиќ.