Кина со осуда за средбата Цаи-Мекарти

– Кинеското Министерство за надворешни работи денеска ја осуди средбата на тајванската претседателка Цаи Инг-вен и претседателот на Претставничкиот дом на САД Кевин Мекарти во Калифорнија и нагласи дека Кина ќе го брани својот суверенитет и територијален интегритет, јави Синхуа.

„Кина цврсто се спротивставува и силно го осудува овој чин“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.

Мекарти вчера ја прими лидерката на Тајван во Калифорнија и ја нагласи потребата да се забрза испораката на оружје за Тајван поради, како што рече, „растечката закана од Кина“.

Со оваа средба, Мекарти стана највисокиот американски функционер кој се сретнал со тајвански лидер на американска територија од 1979 година, и покрај предупредувањата и заканите од официјален Пекинг.

Во денешното, посебно, соопштение на Комитетот за надворешни работи на Кинескиот Национален народен конгрес, се нагласува дека постапките на Мекарти „сериозно ја прекршиле обврската што САД ја презедоа со Кина во однос на Тајван“.

Тајван соопшти дека утрово забележал три кинески воени бродови и еден хеликоптер во близина на својот брег.

Тајванскиот министер за одбрана изјави дека вооружените сили ја следат ситуацијата и дека тајванските бродови и авиони имаат задача да одговорат на овие кинески активности.